Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

Историја

Одделението за историја е формирано во 1948 година, како засебно одделение со постојана изложба со тема од НОВ. Со формирањето на Народниот музеј во Прилеп, 1955 година, кој во 1981 година прераснува во Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј, Одделението за историја влегува во неговите рамки.

Активности:

  • Прибирање и чување на музејски материјал;
  • Рекогносцирање и испитување на теренот за откривање на нови податоци и документи;
  • Врши заштита и стручна обработка на музејскиот материјал добиен по пат на истражување, откуп, подарок или на друг начин;
  • Води документација на движни и недвижни споменици на културата и музејскиот материјал;
  • Води евиденција и врши повремен увид врз движните и недвижните споменици на културата кои се во надлежност или сопственост на други правни лица, како и увид на спомен обележјата од илинденскиот период и НОВ;
  • Изработува програми и елаборати за организирање и поставување на постојани и повремени изложби;
  • Врши проучување и објавува стручни и научни трудови од областа на историјата;
  • Обавува педагошко-водичка служба од својата област;

СРЕДНОВЕКОВЕН ГРАД МАРКОВИ КУЛИ

Средновековниот град Маркови Кули за споменик на културата е прогласен во 1953 година. Значењето на тврдината Маркови Кули, а воедно на средновековниот град Прилеп, во долгогодишната историја на Балканот е големо, пред се заради местоположба во Пелагонија. Имено, низ оваа котлина врвеле важни сообраќајници кои го поврзувале Јадранското Море со Егејското Море. Во античко време патот Виа Сердика усљуе Херацлеам, како поткрак на патот Виа Милитарис (Singidunum - Constantinopolis), врвел низ Прилеп, а во продолжение се приклучувал кон патот Via Egnatia (Durachium - Amfipolis).

Тврдината настанала и се развивала во периодот од IV век ст.е. до XIV век н.е. и воедно претставува симбол на градот. Благодарение на тврдината, средновековен Прилеп е познат на Балканот со својот доминантен одбранбен систем односно, таа се вбројувала во петте најјаки и неосвоиви тврдини на Балканот.

image197.jpg image198.jpg

 

Според најстарите траги на потекло, оваа тврдина најверојатно е градена за време на најмоќните македонски кралеви. Дека била голема и постојано населена населба, сведочат повеќето некрополи кои потекнуваат од раниот железен период, преку антиката до доцниот среден век. Со време, градот израснува во голем и значаен занаетчиско-трговски и административен центар.

За Маркови Кули т.е. Прилеп како тврдина, најстари пишани податоци се наоѓаат во византиските извори од времето на императорот Василиј II (976-1025), од 1018 година.

Од овој период, од долниот град под тврдината потекнува мермерениот столб, кој денес се наоѓа во црквата на манастирот Св. Архангел Михаил во Варош, приградска населба на денешен Прилеп. На него е впишан еден од најстарите словенски натписи, а се однесува на епископот Андреја. Иако краток и стереотипен по содржина, сепак е значаен како еден од најстарите кирилски натписи во Македонија и сведочи за писмената активност на овој терен уште во почетниот период на словенската писменост.

Градот и тврдината, како Прилапон се спомнуваат и во Кратката Историја на Јован Скилица, современик на цар Самоил, кој што после поразот на Беласица од Василиј II, на 6 октомври 1014 година умира во Прилеп.

Други пишани податоци за Прилеп и тврдината, потекнуваат од времето на византискиот император Алексиј III Ангел (1195-1203), а во врска со трговијата на Венеција на овие простори кога Прилеп е во состав на феудот на Добромир Хрс.

Кога Византиската држава се распаднала во 1204 година под удар на Крстоносците, градот потпаѓа под бугарска власт на чие чело бил царот Калојан (1197-1207), се до 1207 година кога влегол во територијата управувана од феудалниот владател, севастократот Стрез. Набрзо после смртта на Стрез во 1214 година, Прилеп потпаѓа под власта на епирскиот деспот Михаил I (1204-околу 1215). Во 1230 година по битката кај Клокотница помеѓу бугарската и епирската војска и по поразот на епирците, Прилеп потпаѓа под бугарска власт до 1241 година. Кога умира бугарскиот цар Иван Асен II (1218-1241), градот повторно минува во составот на Епирското Кралство за време на епирскиот деспот Михаил II (околу 1237-1271), се до 1254 година кога потпаѓа под никејска власт т.е. под возобновената Византиска Империја.

Во 1334 година Прилеп потпаѓа под српска власт. За средновековниот град најмногу податоци има од времето на владеењето на српскиот крал, а подоцна цар Душан (1331-1355). Од документите најдени во манастирот Трескавец, се дознава дека Прилеп во тоа време бил големо и важно градско средиште и дека цар Душан тука имал дворец.

Од 1350 година се спомнува името на Волкашин, кој подоцна во 1360 година од страна на цар Урош добива титула деспот. По битката на Марица во 1371 година против турците, загинува Волкашин. Него го наследува син му Марко, еден од најлегендарните јунаци за кого што за жал, има скудни податоци. Се знае дека Марко бил турски вазал и како таков учествувал во битката на Ровине против влашкиот војвода Јован Мирче во 1395 година, каде што и загинува.

Пред тоа, во 1385 година за време на султанот Мурат I (1362-1389) Прилеп потпаѓа под турска власт. Со смртта на Крали Марко завршува средновековната историја на Прилеп.

image199.jpg

 

ПРИЛЕП ЗА ВРЕМЕ НА ОТОМАНСКАТА ИМПЕРИЈА, ПРЕРОДБЕНСКИОТ И ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД

Турското присуство во Македонија, а со тоа и во Прилеп во траење нешто повеќе од пет векови, оставило траги кои што и денес сведочат за тие бурни, тешки и крвави времиња. Македонскиот народ за целиот период на турско ропство давал отпор на грубите национални и верски понижувања од страна на поробувачите на разни начини, преку ајдутство или дигање на буни и востанија.

Во средината на XVI век или поточно во 1564/65 година е дигната познатата Прилепско-мариовска буна. Во неа учествувале повеќе од 1000 борци. Но, поради помногубројниот и подобро вооружен турски аскер буната била крваво задушена.

Во XVII век Прилеп се развива во голем и убав град. Пишани податоци за ова оставиле турските патописци Хаџи Калфа, Евлија Челебија и други, кои пишуваат дека Прилеп во тој период имал околу 1000 куќи и 200 дуќани.

Во своето патување низ Прилеп во 1807 година, францускиот конзул Анри Пуквил забележал дека градот имал 1000-1100 куќи и водел трговија со жито, волна и добиток, како и тоа дека Прилепскиот панаѓур бил еден од најголемите во Румелија.

Во XIX век во Прилеп доаѓа до брз развиток на занаетчиството и трговијата. Со стопанскиот развој се зголемувал и бројот на жителите: во 1836 година Прилеп имал 6-7000 жители, во 1868 година имал 15-20.000 жители, а во 1890 година 26.674 жители. Економското зајакнување на градот поволно се одразило врз културниот развој, а овозможило и напредок на учебното дело.

Во услови под турско ропство, писменоста се стекнувала во ќелијни училишта по манастирите и црквите. Во 1843 година во Прилеп било отворено првото народно училиште "Св. Кирил и Методиј". Најголем придонес за развој на просветната дејност имале маке-донските преродбеници кои биле учители во Прилеп: Димитар Миладинов, Јордан Хаџи Констан-тинов-Џинот, Марко Цепенков, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Кузман Шапкарев и други.

Марко Цепенков (1829-1920) е познат преродбеник од Прилеп. Собирал народни песни, приказни, поговорки, верувања, обичаи, басни, соништа и сл. од прилепскиот крај. Неговото дело е печатено во повеќе томови.

Во борбите против турците за национално ослободување на Македонија, Прилеп одиграл значајна улога. Во втората половина на XIX век во Прилеп и прилепско дејствувале неколку чети предводени од Спиро Црне, Диме Чакре, Коне Павлов и други.

Од илинденскиот период, крајот на XIX и почетокот на XX век, познати револуционерни дејци од Прилеп биле: Ѓорче Петров (1864-1921), Пере Тошев (1865-1912), Петре Ацев и други.

image201.jpg image202.jpg

 

Од овој период карактеристично сведоштво претставуваат оружјето, воената опрема и други предмети, како: јатагани, сабји, кубури, пушки и револвери.

Во историското одделение има збирка јатагани од XIX век; кубури од XVIII и XIX век; пушки: кремењачи, манлихери и берданки; револвери: гасер, нагант и други.

 

ПРИЛЕП ЗА ВРЕМЕ НА НОВ

Прилеп под фашистичка окупација потпаднал на 8 април 1941 година. Уште од првите денови на окупацијата се појавил отпор организиран од Комунистичката партија. Како разултат на тоа, со првиот истрел во Прилеп на 11 октомври 1941 година отпочнало востанието на македонскиот народ.

Борците на Петтата Народно - ослободителна ударна бригада - прилепска го ослободиле Прилеп на 9 септември 1944, а конечното ослободување е на 3 ноември истата година.

image205.JPG

 

Прилеп за време на НОВ (1941-1944) дал преку 650 жртви на фашизмот. Петнаесет народни херои, од кои десет загинати и 143 носители на "Партизанска споменица 1941".

Заради се она што градот Прилеп го направил за време на НОВ, со повелба од 7 мај 1975 година од страна на Претседателот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија Јосип Броз - Тито го добива орденот Народен херој.

Историското одделение од времето на Народноослободителната и Антифашистичка војна 1941-1944 година како музејски материјал поседува: фотографии, документи, оружје, воена опрема и друго.

 

МЕМОРИЈАЛЕН МУЗЕЈ "КУЗМАН ЈОСИФОСКИ - ПИТУ"

Меморијалниот музеј "Кузман Јосифоски - Питу" се наоѓа на улица Мара Јосифоска број 20 во Прилеп. Куќата е градена кон крајот на XIX век. Во неа е роден народниот херој Кузман Јосифоски-Питу (1915-1944). Куќата за споменик на културата е прогласена во 1971 година.

На куќата е извршена темелна реконструкција и како спомен музеј е отворена на 11 октомври 1977 година. Музејската поставка е сместена во три простории, во кои се претставени животот и револуционерното дело на херојот.

image206.jpg 

 

МЕМОРИЈАЛЕН МУЗЕЈ "11 ОКТОМВРИ 1941"

Меморијалниот музеј "11 Октомври 1941" се наоѓа во центарот на Прилеп. Зградата е изградена кон крајот на XIX век. За време на фашистичката окупација (1941-1944) овој објект бил претворен во полициски участак (полициска станица). На 11 октомври 1941 година, борците од Прилепскиот партизански одред извршиле вооружен напад врз участакот и на други објекти, со што започнало вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.

Зградата има приземје и еден спрат. Музејската поставка е од 1961 година, а преуредена е во 1982 година. Во приземјето е прикажана историјата на Прилеп и прилепско во времето на Преродбата, Илинденскиот период, Балканските војни, Првата светска војна и периодот меѓу двете светски војни се до 1940 година.

На спратот се прикажани настаните од 1941 година во Прилеп и прилепско, со главен акцент на 11 октомври 1941 година. Случувањата во тие настани се пропратени со фотографии на борците кои го извршиле вооружениот напад, како и фотографии на борците од одредот "Гоце Делчев". Покрај фотографии, во поставката се поместени карти, скици, документи, оружје и воена опрема кои ги користеле борците.

На западниот ѕид на спратот се наоѓа фреска изработена од ликовниот уметник Борко Лазески од Прилеп, со тема "Национално ослободителните борби на македонскиот народ". Во музејската поставка стои и список на 143 борци од Прилеп, носители на "Партизанска споменица 1941".

image208.jpg

image209.png

 

ПАРК НА РЕВОЛУЦИЈАТА

Паркот на Револуцијата се наоѓа на јужната периферија на Прилеп. Изграден е во 1961 година во чест на загинатите борци од НОВ, а автор е архитектот Богдан Богдановиќ. Како составен дел на Паркот на Револуцијата е заедничката гробница - крипта, позната како "Могила на непобедените", прогласена за споменик на културата во 1989 година. На мермерните плочи се вклесани имињата на загинатите борци од Прилеп и прилепско од 1941-1944 година. Пред криптата има осум мермерни урни кои го симболизираат формирањето на партизанските одреди и поголемите воени формации, а најголемата урна со симбол на вечен пламен ја претставува непокорноста на македонскиот народ.

image210.jpg

image211.jpg

 

Во составот на овој споменичен комплекс е и "Алејата на народните херои", во која на мермерни постаменти се поставени бронзени бисти на десетте загинати народни херои од Прилеп:

Кире Гаврилоски - Јане (1918-1944)

Иле Игески - Цветан (1920-1944)

Орде Чопела (1912-1942)

Борка Талески (1921-1942)

Кузман Јосифоски - Питу (1915-1944)

Мирче Ацев (1915-1943)

Борка Велески - Левата (1912-1942)

Рампо Левката (1909-1942)

Лазо Филипоски - Лавски (1918-1942)

Круме Волнароски (1909-1944)