Општина Прилеп
Општина Прилеп
  • Општина Прилеп Feeds
  • Општина Прилеп Youtube канал
  • Facebook Општина Прилеп

Архитектура

Архитектонското одделение во Заводот за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј - Прилеп функционира од 1981 година, со прераснувањето на Народниот Музеј во Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј - Прилеп.

 

Архитектонското одделение во својата дејност од областа на заштитата на спомениците на културата опфаќа:

  • Увид во состојбата на недвижното културно богатство;
  • Евиденција на недвижното културно богатство;
  • Документација за постојна состојба на недвижното културно богатство;
  • Валоризација и ревалоризација;
  • Истражувања и изработка на проекти за изведување на заштитни интервенции на недвижното културно богатство;
  • Конзерваторско-реставраторски работи и други заштитни интервенции на недвижното културно богатство;
  • Превентивни заштитни интервенции на недвижното културно наследство;
  • Презентација и публикација на обработениот материјал;

Во музејската дејност архитектонското одделение работи на изготвување на документација при археолошките истражувања, како и на просторно дефинирање и естетско обликување на изложбите од областа на археологијата, историјата, историјата на уметност и етнологијата, коишто ги организира институцијата.

 

ФОНД НА РЕГИСТРИРАНИ СПОМЕНИЦИ НА КУЛТУРАТА

 

ФОНД НА РЕГИСТРИРАНИ СПОМЕНИЦИ НА КУЛТУРАТА

ОДДЕЛЕНИЕ ЗА АРХИТЕКТУРА

Фондот на регистрирани недвижни споменици на културата на териториите на општините: Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Витолиште, коишто ја зафаќаат територијата на поранешната општина Прилеп, е следниот:

Археолошки локалитети:

  1. Маркови кули, споменичко подрачје
  2. Бедем Стибера, античко наоѓалиште, село Чепигово
  3. Археолошки локалитет Градиште, село Дебреште

Сакрална архитектура:

  1. Црква Св. Никола, село Манастир
  2. Црква Св. Димитрија, Варош
  3. Црква Св. Никола, Варош
  4. Црква Св. Атанас, Варош
  5. Црква Св. Богородица Пречиста, Варош
  6. Црква Св. Петар, Варош
  7. Манастир Трескавец со манастирска црква Успение Богородичино
  8. Манастир Зрзе со манастирска црква Св.Спас (Св. Преображение)
  9. Манастир Слепче со манастирската црква Св.Никола
  10. Црква Св.Богородица, село Костинци
  11. Црква Св.Никола, село Зрзе

Профана архитектура:

  1. Саат кула, Прилеп

Урбанистички комплекси:

  1. Споменичка целина Стара Чаршија, Прилеп
  2. Споменичка целина Варош

Исламска архитектура:

  1. Чарши џамија, Прилеп
  2. Скршена џамија, Прилеп
  3. Турска бања, Прилеп
  4. Амам бања (Амам Темемеле), Прилеп
  5. Остатоци од ѕид Куршумли ан, Прилеп

Преродба:

  1. Црква Св. Благовештение, Прилеп

Споменици од НОВ:

  1. Могила на непобедените, Прилеп
  2. Меморијален музеј "Кузман Јосифоски - Питу", Прилеп

Освен регистрираните споменици на културата, активностите на архитектонското одделение се однесуваат и на сите останати евидентирани сакрални споменици во Прилеп и околината, особено поствизантиските цркви, како и евидентираните споменици од староградската архитектура од втората половина на XIX век и првата половина на XX век, а инцидентно и руралната архитектура на територија на општините околу Прилеп.

 

ВИЗАНТИСКИ ПЕРИОД

Основни информации за најзначајните сакрални споменици на културата во Прилеп и околината од Византискиот период

image213.jpg

Св.Никола - Варош

Црквата Св. Никола во Варош е еден од најзначајните објекти во Македонија, од чии фасади лесно може да се согледаат две градителски фази. Првобитната, мала еднокорабна црква изградена од камен со користени антички сполии, била подигната околу 1200 година, а втората градителска фаза, односно денешниот изглед на црквата со богата керамопластична декорација на фасадите датира од 1298 година и е одраз на карактеристичните движења во доцно - византиската архитектура. Во 1959 година се започнати археолошки истражувања во црквата и околу неа, а процесот на конзервација на архитектурата и живописот на црквата е реализиран во 1961 и 1962 година. Во 1977 година е изведен дренажен канал околу црквата, а после истражувачките работи на кровната конструкција е поставен привремен кров.

 

image214.jpg

Св.Димитрија - Варош

Црквата Св.Димитрија во Варош е комплексна градба од повеќе фази реализирани во XIII и XIV век. Во денешниот облик таа од надвор делува како крстовидна црква со купола со дванаестостран тамбур, со тоа што јужното крило е на пониско ниво од другите. Во обработката на фасадите е богато употребена керамопластична декорација. Археолошките истражу-вања во и околу црквата Св. Димитрија се започнати во 1965 година, конзерваторско–реставрато-рски работи на архитектурата на црквата се изведени во 1968 година а конзерваторските работи на живо-писот во 1969 година.

 

image215.jpg

Св.Никола, село Манастир

Црквата Св.Никола во село Манастир е изградена врз постар објект, а денешниот облик го добила во 1266 година. Црквата е трокорабна базилика без нартекс, централниот брод е засведен, а страничните бродови се со отворена кровна конструкција. На источната страна корабите завршуваат со апсиди, од внатре полукружни, а од надвор тространи. Конзерваторско-реставраторските работи на архитектурата и живописот на црквата Св. Никола се извршени во периодот од 1965 до 1970 година. 

 

image216.jpg

Манастир Трескавец

Манастирскиот комплекс Трескавец го сочинуваат црквата Успение Богородичино, старата трпезарија, конаците со кулата камбанарија над влезот и други помошни згради. Манастирскиот комплекс е подигнат врз постаро култно место, црквата е изградена во XIII век, а е обновена за време на крал Милутин. Подоцна неколку пати манастирскиот комплекс е рушен и обновуван. Од денешниот облик на црквата јасно можат да се забележат најмалку шест градежни фази. Јадрото на денешната манастирска црква е еднобродна градба со централна купола, на источната страна завршува со апсида од внатре полукружна, а од надвор петтострана. На западната страна кон наосот е доградена припрата со квадратна основа, покриена со голема слепа купола. Кон припратата, од јужната и од западната страна, е дограден егзонартекс со два бочни компартименти покриени со куполи. На северната страна е доградена мала капела. Последната фаза е тремот дограден на западната и јужната страна од објектот. Во 1990 година, во голем пожар изгореа сите конаци на манастирскиот комплекс, единствено црквата и старата трпезарија останаа недопрени од пожарот. Во периодот после пожарот изработен е Проект за реставрација на манастирските конаци.

 

image217.jpg

Св.Архангел Михаил - Варош

Првобитната црква во манастирскиот комплекс Св. Архангел Михаил во Варош, подигната во XII век, била мала еднокорабна црква со полукружна апсида, врз која подоцна на западната страна е доградена припрата со купола на пандантифи, којашто подоцна е срушена. Денешниот облик манастирскиот комплекс го добива после големата градителска активност во 1861 година, кога се изградени конаците и кулата камбанарија над тремот на црквата. Манастирските конаци се прекрасен пример за високите естетски квалитети на нашето градителство и префинетото чувство на градителот за вклопување на архитектурата во природниот амбиент и конфигурација на теренот. Врз западниот конак е извршена конзервација и реставрација во периодот од 1964 од 1969 година. Кулата камбанарија изградена над тремот, со последните конзерваторско-реставраторски работи коишто беа превземени врз црквата во осумдесеттите години, беше срушена и беше реставрирана куполата над припратата.

 

ПОСТВИЗАНТИСКИ ПЕРИОД

Основни информации за најзначајните сакрални споменици на културата во Прилеп и околината од Поствизантискиот период

Црквата Св. Илија во село Долгаец е прво и целосно архитектонско остварување во раните години на турското владеење. Таа е мала, еднокорабна гробишна црква, во основа со трапезоидна форма, рустично ѕидана со камен во варов малтер. На источната страна завршува со плитка правоаголна апсида, покриена со камени плочи. Карактеристична е и по сводот од троделен лак и обидите за декорација на јужната фасада со кршен камен во форма на рибина коска. Црквата е изградена и живописана 1454/5 година. Во 1999 година извршена е превентивна заштита на црквата, при што е заменета кровната покривка и санирани одредени делови од ѕидната маса.

Непосредно над селото Зрзе на мало возвишување, на терен во пад се наоѓа црквата Св. Никола. Засведена е со полуобличест свод и покрив на две води, со полукружна апсида на источната страна. Точниот датум на изградба на црквата не може со сигурност да се потврди, иако се знае дека тоа се случило пред 1459 година. Пред 1535 година во продолжение од северната страна е дограден параклис, а во XVII век и двата простори од западна страна добиле припрата. Црквата е живописана од сликарот Онуфрие во 1535 година, а фрески добиле и олтарниот простор во параклисот и западниот ѕид од црквата од надворешна страна. На северната фасада од црквата, во полукружна ниша, е насликана фреската "Богородица Одигитрија" од зографот на манастирската црква св. Преображение, датирана во 1369 година. На црквата се вршени конзерваторски работи во годините 1992 - 93, како и во 1999 година, но за комплетна реализација се останати уште некои работи предвидени во програмата.

 

image222.jpg

Св.Богородица, село Костинци

Црквата Св. Богородица во село Костинци е подигната како гробишна црква. Денешниот изглед се должи на неколку фази на изградба. Во првата фаза од 1624/5 година е подигната како мала еднокорабна црквичка, со полукружен свод и тристрана апсида на источна страна. По извесен период, во XVII век од западната страна црквата е проширена, со што добила припрата и трем. Црквата е живописана во сите нејзини делови. Во наосот се среќаваат два слоја на живопис од XVII и XIX век, додека во припратата се среќава живопис од XVII, XVIII и XIX век. На источната фасада над апсидата се наоѓа фреско претстава на "Свети Никола", што не е чест случај кај црквите од поствизантискиот период. Во периодот од 1997-99 година е извршена комплетна конзервација на архитектурата на црквата според изработен проект. 

 

image223.jpg

Св.Атанас, село Рилево

Податоци за времето и приликите на изградба на црквата Св. Атанас село Рилево се наоѓаат во ктиторскиот натпис над бифората, на јужниот ѕид од внатрешна страна. Во тој натпис е назначено дека црквата е изградена во 1627 година, од мајсторот Иван од Кичево и зографот Јон од Костур. Црквата е изградена од кршен камен во варов малтер како мала еднокорабна, со полуобличест свод и петтострана апсида на источна страна. Карактеристична е по присуството на фреско декорација со претстава на "Архангел Михаил" и "Архангел Гаврил" на источната фасада над апсидата.

 

ПРЕРОДБЕНСКИ ПЕРИОД

image228.jpg

Црква Св.Благовештение, Прилеп

Еден од бројните споменици на културата од периодот на преродбата во првата половина на XIX век е црквата Св. Благовештение, позната како Стара црква во Прилеп. Изградена од познатите прилепски мајстори Коста Лауцо и Ристе Тасламиче во 1838 година, претставува три-корабна базилика со три полу-кружни апсиди на источната страна. Има скромен фреско-живопис кој се наоѓа во олтарниот простор и на сводот од централниот брод, меѓутоа најголема вредност во ентериерот е резбата. За таа цел повикани се најдобрите и најпрочуени копаничари од дебарскиот крај, тајфата на Петре Филипоски - Гарката. Изработен е монументален иконостас, владички престол и амвон, кои претставуваат врвни дела од културното богатство на Македонија. 

 

image232.jpg

Саат-кула, Прилеп

Саат кулата е изградена во центарот на Старата чаршија во 1858 година на местото на постара дрвена Саат кула, којашто изгорела во пожар што ја зафатил целата Стара чаршија во 1854 година. Во однос на материјалот од којшто е изградена кулата и во однос на конструктивниот систем, Саат кулата е поделена на два дела: масивен дел од камен и скелетен дел од дрвена конструкција. Вкупната висина на објектот е 38,76 м. Во 1985 година е изготвен Проект за конзервација на Саат кулата, а во 1986 година процесот на конзервација на надземниот дел на кулата беше реализиран. Интересен податок за Саат кулата во Прилеп е тоа што таа има инклинација од 1,16 м., поради што е во тек изготвување на студија за конструктивна консолидација на објектот во соработка со ИЗИИС - Скопје. Раководител на Проектот за конзервација на Саат кулата - дипл.инг.арх. Васка Печијареска.

Старата чаршија во Прилеп е урбанистички комплекс којшто својот најголем подем го имал во втората половина на XVIII и почетокот на XIX век, кога Прилеп бил развиен трговски и занаетчиски центар. Во втората половина на XIX век, после серијата пожари коишто ја зафатиле чаршијата во 1854 година, во 1866 година и во 1873 година, економската и трговската моќ на Прилеп опаѓа. Денешниот изглед чаршијата го добива во втората половина на XIX и првата половина на XX век, а комплексните проблеми коишто го исполнуваат општественото живеење во овој период, исполнето со кризни состојби на сите нивоа од општествените структури, предизвикаа девалвирање и на естетските и функционалните специфики на чаршијата. 

 

ИСЛАМСКА АРХИТЕКТУРА

Во центарот на Прилеп, во една урбанистичка целина со Саат кулата, во комплексот на старата чаршија се наоѓа Чарши џамија. Изградена за време на владеењето на султанот Мехмед Втори Освојувач, односно за време на Брусанскиот стил, претставува наједноставна форма на џамија од тој период. Градена е во неколку фази. За првата фаза се дознава од сочуваниот автентичен натпис со арапско писмо на турски јазик, кој меѓу другото кажува дека џамијата е изградена 1475 година. И минарето денешниот изглед го добило во неколку фази на градба. Со постамент на полигонална основа, висина од 25 метри, украсено со два шерефети, минарето на Чарши џамија е редок пример на исламската архитектура во Македонија. Во текот на изработката на Проектот за конзервација во 1988 година, извршени се комплетни сондажни испитувања, при што се констатирани фазите на изградба. Раководител на Проектот за конзервација на Чарши Џамија - дипл.инг.арх. Кире Јованоски.