|
Прилеп ќе стане лидер во производството на алтернативна енергија |
|
|
|
26.01.2010. |
На седница на општинскиот
совет е донесена одлука приватна фирма да гради прва соларна централа во
земјата. Со одлуката, на скопската фирма „Труст“ и е
дозволено на површина од три хектари да постави сончеви колектори, кои треба да
произведуваат над еден мегават електрична енергија. - Приватниот инвеститор
дојде до идеја како да ги користи сите благодати на природата. Прилеп има околу
300 сончеви дена во годината. Жално е да не се искористат. Комплексот треба да
се изгради годинава и изворот на енергија, потоа МЕПСО треба да го вклопи во
енергетскиот систем на државата - вели Бранко Нешкоски, директор на ЈП за
просторно и урбанистичко планирање на Прилеп.
Соларната централа треба да се гради на излезот на
градот, спроти селото Старо Лагово. Општинските власти сметаат дека
инвестицијата има економска оправданост. - Со одлуката на Владата секој
произведен киловат на електрична енергија од кој било вид извор, МЕПСО е должен
да го откупи и при откупот има повластена повисока цена. Таа енергија се
вклопува во целокупниот енергетски систем. Локацијата каде што треба да се
гради централата бележи просечна годишна сончева инсолација од 1.566
мегават-часа на квадратен метар, што е над македонскиот просек и блиску до
просекот на Шпанија. Ова е чиста енергија без загадување - објаснува Нешкоски. Инвеститорот,
фирмата „Труст“ од Скопје, до општината доставил проект и финансиски план.
Соларната централа треба да биде со моќност од 900 киловати, со годишно
производство на еден мегават електрична енергија. Стопанствениците и граѓаните
ги поддржуваат властите во субвенционирање на инсталацијата на сончеви системи
за греење вода во индивидуални објекти. Државата во неколку наврати
надоместуваше дел од инвестициите за системите со 300 евра. Директорот на ЈП за
ПУП, Нешкоски, вели дека и општината планира да го искористува природниот
благодат од сонцето. На новото идејно решение за изградба на споменикот
Карпалак, дел од фасадата на ова високо обележје ќе биде од транспарентен
материјал, односно од сончеви колектори. Така споменикот сам ќе си произведува енергија,
која соодветно ќе се искористи.
|