Градоначалникот Јованоски вети максимални заложби за решавање на проблемите на „Еурокомпозит“

Градоначалникот, Илија Јованоски, денеска оствари средба со претставници на вработените во компанијата „Еурокомпозит“ и вети дека, иако тоа не е во негова надлежност, ќе направи се за надминување на овој долгогодишен проблем со кој се соочуваат вработените во оваа фирма. Вработените немаат земено 16 плати и не им се исплатени придонесите за здравствено и пензиско осигурување од 01.06.2012.

„Денеска се срeтнав со претставниците на синдикалната организација на „Еурокомпозит“, фирма која е во комплетна сопственост на државата. Се запознав комплетно со проблемите со кои се соочуваат веќе години наназад. Им ветив дека, иако тоа не е во моја надлежност, се ќе направам што е во нивен интерес, интерес на граѓаните и градот. Ќе разговарам со вицепремиерот Кочо Анѓушев, а ако има потреба и со премиерот Зоран Заев, за надминување на оваа ситуација. Ќе помогнам и ќе инсистирам на оваа логистичка поддршка. Ова е моја морална обврска, во интерес на сите нас ќе направам да се реши овој долгогодишен проблем“, изјави градоначалникот Јованоски.

Претставниците на синдикатот на „Еурокомпозит“ по средбата истакнаа дека се задоволни од конструктивната средба со градоначалникот Јованоски и неговите ветувања за надминување на оваа криза.

„Остваривме конструктивна средба со градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, задоволни сме и очекуваме решавање на нашите проблеми во најбрз можен рок“, истакна Влатко Чурлиноски, претседател на синдикална организација на „Еурокомпозит“.