Градоначалникот Јованоски на прилепската болница ѝ ја предаде донацијата на „Лајонс“ клубот

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, денеска на ортопедско-трауматолошкото одделение од градската болница „Борка Талески“ во Прилеп му го предаде електронскиот апарат турнике, односно „Есмархова повеска“, кој на Општина Прилеп ѝ го донираше Лајонс клубот.

„Чест ми е што донацијата можам да ја предадам на ортопедско-трауматолошкото одделение каде работев 30 години и од каде што дојдов на сегашната функција. Апаратот што Лајонс клубот ѝ го донираше на Општина Прилеп е турнике, или „Есмархова повеска“, и е многу важен за изведување операции на екстремитетите, посебно операциите на колено. Апаратот овозможува операцијата да трае половина од времето, коешто на хирургот му е потребно за извршување на хируршкиот зафат. Се надевам дека апаратот ќе им биде од голема корист на колегите од ортопедско-трауматолошкото одделение“, изјави градоначалникот Јованоски.

Директорот на прилепската болница „Борка Талески“, Драги Богојески, се заблагодари за донацијата и рече дека со оглед на тешката финанскиска ситуација во која се наоѓа болницата, апаратот им е добредојден.

„Се надевам дека и во иднина Општина Прилеп ќе има вакви или слични донации што ќе помогнат во функционирањето на болницата, со оглед на моменталните финансиски состојби и моменталната опременост со апарати и инструментариум, како и со возила за намените на општата болница. Соработката со градоначалникот и Општината е одлична и верувам дека и понатаму ќе биде во иста мера“, рече Богојески.

Од името на вработените во ортопедско-трауматолошкото одделение, за донацијата се заблагодари д-р Петар Карески. Тој рече дека ова е убав момент годината да започне со донација, а докторите од тоа одделение ќе се потрудат, што може повеќе да го користат апаратот, со цел да имаат што поголем број успешни операции.

Како што објаснија ортопедите од прилепската болница, намената на електронското турнике е да овозможи бескрвна операција, што му овозможува на хирургот да работи посигурно и побезбедно, со што двојно се намалува времетраењето на операцијата.

Видете и...

Градоначалникот Јованоски на сите православни христијани им го честита празникот Богојавление – Водици

Со желби за многу здравје, љубов и среќа, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, на …