Градоначалникот Јованоски ќе го поддржи младиот пингпонгар Рикалоски за учество на Олимпијадата во Аргентина

Младиот Александар Рикалоски (17) од Прилеп е првиот пингпонгар од Македонија, што во изминативе 7 децении од постоењето на Клубот и воопшто од постоењето на пингпонгот како спорт кај нас, успеал да стигне до квалификациите за учество на Олимпијада. Квалификациониот натпревар ќе се одржи од 2 до 5 ноември во Сплит, Хрватска во конкуренција на 32 пингпонгари. По тој повод, тој денеска оствари средба со градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, кој што му вети финансиска поддршка.

Младиот Рикалоски истакна дека со пинг понг се занимава 9 години и дека се чуствува доволно подготвен за да се квалификува за Олимпијадата.

„Ова ми е прв пат да одам на еден ваков голем натпревар за квалификации за Олимпијада. Му се заблагодарувам на градоначалникот Јованоски за логистичката и финансиска поддршка. Ова е одлично искуство за мене, ново доживување. Се чувствувам доволно подготвен да се пласирам за Олимпијадата, која во 2018 година ќе биде одржана во Буенос Аирес“, изјави
Рикалоски.

Неговиот тренер, Гоце Тошески се надева дека наредната година токму од зградата на локалната самоуправа на Прилеп ќе бидат испратени за Аргентина.

„Сакам да му се заблагодарам на градоначалникот Јованоски и локалната самоуправа на Прилеп за неизмерната поддршка. Се надевам дека ќе ги оправдаме резултатите и дека наредниот пат повторно ќе не испратите од овде за Аргентина во Буенос Аирес, каде што наредната година ќе се одржи Олимпијадата. Ова е прв пат досега не само од Прилеп туку и од Македонија пингпонгар да учествува на квалификации за Олимпијада. На квалификациите од секоја држава учествуваат по еден пингпонгар и пингпонгарка. Девојката од Македонија е од Крива Паланка“, изјавиТошески.

Градоначалникот Јованоски истакна дека не само овој млад пингпонгар, туку сите млади спортисти што бележат резултати во иднина ќе ја имаат неговата и поддршката на локалната самоуправа.

„Локалната самоуправа и јас како градоначалник на Општина Прилеп дадов ветување во мојата предизборна кампања дека ќе ги поддржувам младите спортисти и спортот во нашиот град. Му честитам на младиот пингпонгар Рикалоски, кој ќе оди на меѓународен натпревар за квалификации за Олимпијада во Аргентина. Се надевам дека ќе го постигне успехот и нашиот пингпонгар ќе го видиме на Олимпијадата. Токму поради тоа локалната самоуправа ќе издвои финансиски средства за го поддржи овој млад спортист и во иднина сите млади спортисти од нашата општина ќе бидат максимално поддржани од мене како градоначалник“, истакна Јованоски.