Градоначалникот Јованоски им вети финансиска помош и просторија за работа на здружението на граѓани со дијабетес

По повод Светскиот ден на дијабетесот, 14 ноември градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски оствари средба со здружението на граѓани со дијабетес „Светлост за нас“. На средбата Јованоски вети финансиска поддршка и просторија за работа во старата општинска зграда, со цел да се создадат елементарни услови, ова здружение коешто постои неколку години во Прилеп, да може непречено да функционира.

„Остваривме средба со членовите на здружението на граѓани со дијабетес од Прилеп. Се договоривме за начинот и темпото за понатамошната наша соработка. Локалната самоуправа да им обезбеди простор во еден дел од старата општинска зграда, а Здружението ќе го помогнеме и финансиски. Бројот на граѓани со дијабетес расте постојано, не само во Прилеп, туку и во светот. Дијабетичарите имаат посебен третман и начин на живот, затоа ќе ги поддржиме во секој поглед. Овие луѓе мора да функционираат како сите останати граѓани. Сакам да им го честитам Светскиот ден на дијабетесот и годинешното мото „Менувањето на дијабетесот“, што треба да се насочи во вистински правец. А, голем дел од нив со овој проблем се соочуваат уште од мали нозе“, изјави градоначалникот Јованоски.

Од здружението на граѓани со дијабетес се многу благодарни за помошта што ќе им биде пружена. Побараа во идинина да се надминат проблемите со неквалитетен инсулин, од којшто велат починале заболени со оваа болест.

„Денеска сме премногу возбудени, бидејќи конечно добивме простории и поддршка од локалната самоуправа. Досега јас упорно барав просторија за здружението, но не ни беше дадена таква помош. Во изминативе 2 години имавме голем проблем со квалитетот на инсулинот, започнувајќи од мене. Сите пациенти имавме тешки моменти со хипогликемии и хипергликемии. Одржувавме состаноци со Комисијата за дијабетес во Скопје, но постојано ни беше кажувано дека инсулинот е квалитетен. Последиците кај пациентите се огромни. Многу членови на здружението починаа. Сето ова е последица на инсулинот. Се надеваме дека во 2018 година ќе добиеме најнови инсулини и дека поквалитетно ќе се лечиме“, изјави Мирјана Димеска, претседател на здружението на граѓани со дијабет „Светлост за нас“.

Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на дијабетот во состав на акцијата „Здравје за сите“, екипи на Здравствен дом – Прилеп вршеа бесплатно мерење на шеќер во крвта, од 10 до 12 часот, пред кафе барот „Ди Каприо“ на плоштадот „Методија Андонов Ченто“.

Бројот на заболени граѓани од дијабетес во општините: Прилеп, Кривогаштани и Долнени изнесува околу 3.960 лица. Оваа бројка е во постојан подем особено кај младата популација.

Според некои податоци во Прилеп од дијабетес се заболени 5 % од граѓаните, а 10 до 15 % имаат латентен дијабетес, односно и сами не знаат дека се болни од оваа болест, а последиците ги чувствуваат после извесен период.

Светскиот ден на дијабетесот е промовиран од Светската организација за борба против дијабетесот (IDF) и Светската здравствена организација (СЗО) во 1991 година, како одговор на загриженоста поради ескалацијата на дијабетесот во светот.

Светскиот ден на дијабетесот се празнува секоја година на 14 ноември, а датумот е избран поради тоа што го одбележува роденденот на д-р Фредерик Бантинг, кој заедно со д-р Чарлс Бест, е заслужен за откривањето на инсулинот во 1921 година.