Градоначалникот Јованоски ги посети институциите коишто дежураа во новогодишната ноќ

Триесетина минути по полноќ, градоначалникот Илија Јованоски, ја посети дежурната екипа од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) во Прилеп. Им ја честиташе Новата година, интересирајќи се за проблемите со кои се соочуваат во работата.

До полноќ, како што рекоа дежурните пожарникари новогодишната ноќ им поминала мирно, без интервенции. Прилепскиот градоначалник Јованоски им изрази признание на членовите на противпожарната единица за нивната брза и навремена интервенција во текот на претходниот ден, кога спречија проширување на пожарот од опожарениот локал врз околните објекти во центарот на градот.

Командирот на противпожарната единица, Станко Колески, го информираше градоначалникот Јованоски за лошата состојба на возниот парк, застарените возила и, пред сѐ, недостигот од теренски возила.

„Возилата што ги имаме, се стари повеќе од 30 години. Имаме сериозни проблеми кога треба да интервенираме на тешко пристапни планински предели“, забележа командирот Колески.

„Ви ја честитам Нова Година, да продолжите и натаму со професионална работа, со брзи и ефикасни интервенции, но да имате помалку работа на терен.Вечерва сакам и официјално да ви соопштам дека наскоро ќе добиете ново противпожарно возило, како и дел од опремата што ви недостига. Со тоа ќе ги подобриме условите за ваше што поуспешно функционирање. Ќе вложиме напори да обезбедиме и теренско возило, какво што ви е неопходно. Локалната самоуправа ќе направи максимални напори да ви овозможи подобри услови за работа од сегашните, бидејќи тоа е и во ваш интерес, но пред сѐ во интерес на граѓаните на Прилеп“, истакна градоначалникот Илија Јованоски.

Прилепскиот градоначалник ја посети и дежурната екипа во Полициската станица од општа надлежност. Дежурните полицајци рекоа дека ноќта поминала мирно, без нарушувања на мирот и безбедноста на граѓаните.

Многу интервенции немаа ниту дежурните екипи од службата за Итна медицинска помош.

„За разлика од претходните години кога имавме интервенции кај лица во алкохолизирана состојба, годинава не е тоа случај. За среќа граѓаните не се пожалија ниту на повреди здобиени како последица на користење на пиротехнички средства. Накусо имаме мирна новогодишна ноќ“, забележа дежурната екипа.

На сите дежурни екипи во новогодишната ноќ, градоначалникот Илија Јованоски им предаде скромни подароци.

Видете и...

Градоначалникот Јованоски на сите православни христијани им го честита празникот Богојавление – Водици

Со желби за многу здравје, љубов и среќа, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, на …