Економски совет: раст, развој и одржливост на прилепското стопанство

Главен фокус на Економскиот совет е раст, развој и одржливост на прилепското стопанство. Ова го договорија прилепските стопанственици членови на Економскиот совет на првата седница, што се одржа денеска со новиот претседател, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

Заложбите и интересот на заедницата од една страна, подготвеноста и севкупните општински капацитети за решавање на проблемите и донесување правилни одлуки, од друга страна, се услови за идниот развој на Прилеп.

На оваа седница се дефинирани приоритетните цели во работата на Економскиот совет, што ќе бидат во насока на поквалитетен живот на граѓаните на Прилеп.

„Работата на ова тело, ја гледам токму во оваа насока, на дефинирање на правците на развој, приоритетите, идентификување на проблемите на коишто наидувате. Но, и изнаоѓање решенија за нивно брзо и целосно надминување. Идентификување на потребите за инфраструктурен развој, урбанистичко планирање, сообраќајни решенија, дефинирање мерки за поддршка на стопанството, или сè она што може да се направи во насока на креирање на подобра бизнис клима. Како фидбек, очекувам поттикнување на нови инвестиции, повисок стандард за граѓаните и креирање нови работни места“, им порача на стопанствениците градоначалникот Јованоски.

Тој ја истакна својата и поддршката на Општината со цел остварување на целите и потребите на сите компании.

„Имате безрезервна поддршка во рамките на нашите надлежности, но тука сме и како логистика пред централната власт. Верувам дека сите имаме иста цел, економски развиен Прилеп и што повеќе вработени граѓани со достоинствени плати“ – рече Јованоски.

Членовите на Економскиот совет ја поддржаа иницијативата за заедничка соработка и вклученост во реализација на проектите од витално значење за општината во сите сфери.